Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром утре во Чачак му гостува на Борац во клучниот натпревар против директниот конкурент за опстанок во регионалната АБА лига.
Пред овој натпревар во рамки на 23 коло, МЗТ Скопје е последно пласиран на табелата со четири победи, една помалку од Борац на претпоследното место, кое носи разигрување во битката за опстанок.
Тренерот на Борац, Дејан Мијатовиќ, изјави денеска дека сите во неговиот тим знаат што носи утрешната пресметка и истакна дека неговите кошаркари ќе мораат да бидат на висина на задачата за да забележат важна победа за опстанок во лигата.
„Како што и предвидувавме, целата сезона се сведе на еден натпревар. Исклучително сме мотивирани и напорно работевме оваа недела. Знаеме што мораме да направиме за да го добиеме овој натпревар. Важна е психолошката стабилност на играчите, мораме да одиграме со исклучителна енергија и мотив“, изјави Мијатовиќ.
Натпреварот доаѓа на истиот датум кога пред 35 години, на 25 март 1988 година, Борац го совлада МЗТ Скопје на домашен терен и со таа победа обезбеди опстанок во поранешната југословенска прва лига.
„Каква коинциденција на истиот датум, 35 години подоцна, да играме натпревар против МЗТ кој може многу да одлучи. Тогаш салата беше полна, околу 4.500 гледачи, а Борац победи со 87-79. Немам ништо против историјата да се повтори“, порача тренерот на чачански Борац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.