На Централниот одбор во април ФИБА ќе ја разгледа можноста за враќање на репрезентациите на Русија и Белорусија во системот на натпреварување, соопшти Генералниот секретар Андреас Заглис.

Двете селекции, како и клубовите од овие држави, се суспендирани од мај 2022 година, со образолжение без преседан поради руската воена инвазија во Украина.

Можноста за враќање во системот се однесува само на националните тимови, но не и на клубовите, а прв чекор кон тоа би биле претквалификациите за Олимписките игри кои се планирани за август оваа година во Париз.

„Во ноември ФИБА ја продолжи суспензијата на руските и белоруските клубови до крајот на април, бидејќи тогаш ќе се одржи нашиот следен состанок. Олимписките квалификации се почнати одамна, на пример, во женска конкуренција тие одат преку Европското првенство, а ни Русија, ни Белорусија нема да учествуваат на него. Таков е случајот и со машката белоруска репрезентација.

Постои можност да ја вратиме Русија во олимписките претквалификации, но одлуката ќе биде донесена во април. Соработуваме со Интернационалниот олимписки комитет и заеднички ќе решиме што ќе правиме“, изјави Заглис.

Тој не кажа дали во овој план влегуваат и младинските репрезентации на Русија и Белорусија кои, евентуално, би биле вклучени во европските првенства претстојното лето.

Девет држави веќе се спротивставија на тоа и најавија дека ќе ги бојкотираат натпреварувањата во кои ќе учествуваат репрезентациите на Русија и Белорусија или клубови од овие земји.

Станува збор за петте нордиски држави (Финска, Шведска, Норвешка, Данска и Исланд), трите прибалтички (Литванија, Летонија и Естонија) и Полска. Станува за шестина од вкупниот број членки на ФИБА Европа, а нема да биде изненадување ако и други држави се приклучат под политички притисок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.