Тројката која покажа дека има капацитет, знаење и умеење во кошаркарските води, постигнувајќи резултати какви се уште нема во поновата македонска кошаркарска историја, се враќа на голема врата и тоа со заеднички сили?

Дали Стевчо Јакимовски, Ивица Коневски и Огнен Дедиќ формираат нов кошаркарски колектив, кој би имал за цел да се натпреварува во првата македонска лига, во првата Јадранска лига и во другите силни меѓународни натпреварувања? Судејќи според заедничкиот деловен ручек, оваа неофицијална најава може многу лесно да се оствари и тоа во блиска иднина.

Ивица Коневски прв повлече нога и настапуваше во АБА лигата, пркосејќи им и на најголемите регионални клубови, често остварувајќи резултати какви дотогаш не можеа да се замислат, неколку пати беше на прагот на завршниот турнир и играше со МЗТ Скопје Аеродром во силни европски натпреварувања, како што е Еврокупот на УЛЕБ. На остварувањата од „неговото“ време, аеродромци се уште уживаат голем респект во регионот, а во Македонија се институција за сите останати екипи, од играчки и од организациски аспект. МЗТ Скопје Аеродром доби и европска сала, со услови какви што немаат и поголеми екипи од поблиското опкружување.

Потоа се појави проектот Карпош Соколи кој освои Куп на РМ (2017), играше мајсторка во финалето на македонското првенство против МЗТ Скопје Аеродром (3:2, 2016/17), исто така играше во силни меѓународни лиги, ги донесе во Македонија дел од најдобрите играчи што сме ги виделе во поновата историја кои подоцна заиграа во големи европски екипи и репрезентации, клуб кој покажа дека со квалитетна работа, со многу искуство и упорност, со јасна детерминираност и конкретна цел, за кратко време може да се постигне многу.

Обединувањето на организациските и раководните капацитети на споменатите тројца, ако се оствари, значи само едно – повторно кревање на македонската кошарка онаму каде што и е местото, на почетокот во клупските води, а за некое време и во репрезентативните, со оглед на тоа дека во ваква организација би требало да се планира работа и развој и на македонските играчи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.