Ана Брнабиќ, поранешната српска премиерка и актуелна претседателка на српскиот парламент, изјави дека претседателот Александар Вучиќ бил очаен бидејќи српската фудбалска репрезентација отпатувала на Европското првенство во Германија со хрватски авион.

„Тоа е вистинска приказна. Штета е, Вучиќ беше крајно лут. Ние имаме своја „Ер Србија“ и сите патуваме со таа компанија. Кога ќе слета авионот, можете да ја видите „Ер Србија“ и тоа е наша гордост”, рекла Брнабиќ за време на гостување на Хепи ТВ.

„Треба да утврдиме кој е одговорен“
Таа истакна дека на оваа тема не се разговарало претходните денови за да не се префрли фокусот на јавноста од поддршката за репрезентативците. Брнабиќ истакна дека „апсолутно е неопходно да се утврди како се случило и кој е одговорен“ за тоа што српските репрезентативци патувале со хрватски авион, пренесува Нова.рс.

Телеграф пишува дека Фудбалскиот сојуз на Србија ги испратил фудбалерите во авион со хрватска „шаховска табла“. Инаку, српската репрезентација вчера ремизираше со Данците и со тоа го заврши натпреварувањето на последното место во групата со само два освоени бода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.