Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години загуби од Украина со 2:1 (2:1) во натпреварот за првото место на квалификацискиот турнир во рамки на Б-дивизијата во Лигата на нации на УЕФА.

Македонските фудбалерки својата шанса за место во елитната А-дивизија и продолжување на квалификациите за Европското првенство 2024 во Литванија ќе ја чекаат по комплетирањето на сите квалификациски групи во Б-сегментот по што ќе биде познато која најдобро второпласирана репрезентација ќе ги продолжи евроквалификациите.

Избраничките на селектор Астрит Мерко, на натпревар одигран во ерменскиот град Армавир дојдоа во рано водство со голот на Веса Села во 5. минута, по што противникот дојде до целосен резултатски пресврт преку Викторија Радионова (17м, пенал) и Лилијана Сербук (28).

Во завршните минути од натпреварот поради втор жолт картон беше исклучена Ива Јованоска.

Македонската репрезентација го заврши настапот на квалификацискиот турнир од групата Б4 во Ерменија на второто место со шест бодови, совладувајќи ги убедливо во воведните две кола Луксембург (4-0) и Ерменија (6-0).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.