Европската фудбалска федерација (УЕФА) официјално објави дека легендарниот хрватски фудбалер Звонимир Бобан (55) ја напушта високата должност која три години ја извршуваше во раководното тело на европскиот фудбал.

„УЕФА објавува спогодбена разделба и заминување на Звонимир Бобан од организацијата. Бобан ни се приклучи во 2021 година. Како шеф на фудбалот иницираше неколку значајни проекти во техничкиот развој. УЕФА изразува чест од соработката со Звонимир Бобан и испраќа благодарност за неговиот посветен ангажман“, се наведува во соопштението.

Претходно денеска Бобан потврди дека ја напушта УЕФА, во која изминатите години беше најблискиот соработник на претседателот Александар Чеферин, а како причина го наведе несогласувањето со иницијативата за промена на Статутот на организацијата со кој би му се овозможил уште еден, трет по ред, мандат на актуелниот претседател.

Поранешниот југословенски и хрватски репрезентативец пред ангажманот во УЕФА беше заменик генерален секретар на ФИФА од мај 2016 до јуни 2019 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.