Тренерот на фудбалскиот клуб Партизан, Александар Станојевиќ, поднесе оставка, ден по поразот во „вечното“ белградско дерби против Црвена ѕвезда, јавија денеска српските медиуми.

Како што објави Телеграф, Станојевиќ ги информирал челниците на клубот и спортскиот сектор, кои денеска ќе разговараат за неговата одлука.

Партизан синоќа на домашен терен загуби од Црвена ѕвезда со 0:4, во 174. „вечно“ дерби.

Станојевиќ во јуни го презеде тимот со кој не успеа да се пласира во групната фаза од европските натпреварувања, а црно-белите во моментов се деветти во табелата во српската Суперлига со 11 бодови од седум натпревари.

Незадоволна група навивачи на Партизан синоќа го повикаа Станојевиќ да поднесе оставка, а тренерот се здоби со расекотини на лицето кога хулиганите по натпреварот ги искршиле прозорците во соблекувалната на стадионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.