Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски има две желби пред дуелот со големиот фаворит Италија. Нашиот национален тим да ги победи „аѕурите“, а потоа и да направи селфи со неговиот идол Џанлуиџи Буфон.

„Тоа би била перфектна вечер, да ја победиме Италија и да направам потоа селфи со Џиџи“, вели Димитриевски за „Газета дело Спорт“.

„Буфон е мојот идол. Еднаш играв против него во Торино со Македонија, во октомври 2017 и натпреварот заврши 1:1. Го побарав неговиот дрес, но не го добив, зашто тој го ветил за аукција. Против Италија победивме во Палермо и тоа е победа на која ќе се сеќаваме вечно, не само јас, туку целата држава. Италија беше спакувана да патува за Португалија, но заминавме ние. Стигнавме до неверојатна победа со голот на Трајковски, кој неколку години играше во Палермо. Јас сум оптимист и за претстојниот меч, ќе дадеме сѐ од себе да победиме, иако јасно е дека Италија е фаворит“, истакна Столе Димитриевски.

Натпреварот меѓу Македонија и Италија ќе се игра утревечер, со почеток во 20.45 часот, на арената „Тодор Проески“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.