Фудбалскиот клуб Тетекс од Тетово упати отворено писмо до Фудбалската федерација и до пошироката јавност реагирајќи на одлуките на судиите во текот на полусезоната. Револтирани се што нема анализа на работата на судиите, која ја оценуваат како неправедна.

Оставивме простор за да направите судиска анализа на вашите таканаречени судии за последното коло, кое за жал не се случи и повторно е на штета на нас клубовите, па сакаме да поставиме неколку прашања до надлежните во случајов ФФМ и Судската комисија, но и до дотичниот кој ги делегира истите шарлатани. Зошто сè уште нема судиска анализа за последното коло од првата и втората македонска фудбалска лига? Дали сте свесни, покрај тоа што ништо не помагате во фудбалот во и онака катастрофалната ситуација, свесно со вакви потези сте соучесници со судиите и поради тоа константно се случуваат овие неправди, велат од ФК Тетекс.

Бараат некој да преземе одговорност за неправдите наместо тоа што оштетените клубови ќе добијат извинување кое, велат, никако не е од полза и исправање на неправдата.

Зарем не се гледа од ваша страна дека собирате еден гнев кај клубовите и оние кои вистински ги сакаат и чесно ги водат клубовите? Сакате ли да отиде предалеку работава со оваа ваша негрижа како да е сè ок, а не дека со срамни судиски одлуки од ваши судии кои поминуваат без ваша анализа и неказнето, сакате да демонстрирате сила? Господа од ФФМ, Судска комисија и претседателе кои ги делегираш твоите пајташи наречени судии, денес е Тетекс, Македонија ЃП, Воска, Гостивар и кој уште не, утре ќе биде некој нов, нема да ви помине, никогаш нема да ве оставиме на мир. Доколку нема казни, односно овој случај биде заташкан иако има од контролорот изнапишано четиво од нашиот натпревар против Башкими, поради неговите катастрофални одлуки, ќе бидеме приморани да се заштитиме на наш начин и да го покажеме другото лице на преостанатите натпревари кои само вие ќе бидете виновници, потенцираат од ФК Тетекс барајќи од ФФМ да се реши еднаш засекогаш овој проблем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.