Фудбалскиот менаџер Мино Рајола почина на 54-годишна возраст, соопшти неговото семејство.
Италијанскиот менаџер во последните месеци водел тешка битка со болест на белите дробови, а бројни европски медиуми во четвртокот објавија дека Рајола починал, по што беше демантирана таа информација и беше соопштено дека менаџерот се наоѓа во тешка состојба.
Два дена подоцна неговото семејство на социјалните мрежи објави дека на крајот Рајола не успеал да ја победи таа битка и дека починал.
„Во бескрајна тага ја објавуваме смртта на најгрижливиот и најчудесниот фудбалски агент“, се наведува во Твитер објавата, во која пишува:
„Мино до крајот се бореше со истата сила која ја имаше за време на преговорите за играчите кои ги застапуваше. Како и обично, Мино нè направи горд, а тоа никогаш не го сфати. Мино со својата работа допре многу животи и испиша ново поглавје во историјата на модерниот фудбал. Засекогаш ќе нѝ недостасува. Мисијата на Мино да го направи фудбалот подобро место за играчите ќе продолжи со истата страст. Им благодариме на сите за огромната поддршка која ја добивме во овие тешки моменти и молиме за почит и приватност на семејството и пријателите во овие моменти на тага“, стои во објавата на семејството Рајола.
Мино Рајола беше менаџер со италијанско-холандско потекло. Под неговата „капа“ беа само фудбалери од високата класа како Златан Ибрахимовиќ, Пол Погба, Ерлинг Халанд, Матијас Де Лихт, Марко Верати, Џанлуиџи Донарума, Хенрик Мктаријан, Марио Балотели..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.