Поранешниот прв човек на УЕФА и прославен француски фудбалер, Мишел Платини, е потенцијален кандидат за позицијата претседател на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ). Во моментов, привремено на позицијата е назначен Филип Диало по оставката на долгогодишниот прв човек на францускиот фудбал, Ноел Ле Грет.

Кандидатурата на Платини ја објавија неколку германски и француски медиуми, при што весникот „Зидојче цајтунг“ наведува дека ФФФ веќе работи на тој план, додека радиото „РМЦ Спорт“ посочува дека францускиот претседател Емануел Макрон го прашал Платини дали е заинтересиран за челната позиција во францускиот фудбал.

Ле Грет се повлече од функцијата што ја извршуваше од 2011 година, по контроверзните изјави во врска со француската фудбалска легенда, Зинедин Зидан.

Платини пред половина година беше ослободен од швајцарски суд од обвинението за финансиска измама, а во таа прилика изјави дека веќе нема да бара работа како фудбалски функционер. Меѓутоа, во истовреме изјави дека би бил заинтересиран за ангажман во фудбалот, доколку тоа би било нешто позитивно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.