Фудбалскиот свет се уште се збогува со легендарниот Синиша Михајловиќ, кој на 16 декември на 53-годишна возраст ја загуби битката со леукемијата.
За време на гостувањето во една телевизиска емисија, српскиот ас сподели шокантна приказна од времето на граѓанската војна во Југославија.
Родителите на Михајловиќ во тој период живееле во Вуковар, поточно во Борово, родното место на Миха, каде што тој ги поминал безгрижните детски денови.
Пријателството од детството го „запали“ неговиот семеен дом, но, како што ќе се испостави, заради спасување на животите на неговите родители.
Домот на Михајловиќ бил срамнет со земја, а семејството било протерано од Хрватска.
Мојот најдобар другар го направи тоа – ја започна приказната Михајловиќ – Се дружевме, спиевме еден кај друг, заедно одевме на море… Кога почна војната, сите знаеја дека сме најдобри другари.
Почетокот на вооружените судири се прошири низ поранешниот југ, па поради тоа додека Синиша беше во Црвена звезда и живееше во Белград, куќата на Михајловиќ беше погодена од неочекувана посета на најдобриот другар на Миха.
Дошол кај мене дома и им кажал на моите родители дека мора да си заминат, но тие не го сфатиле сериозно. Следниот пат дошол со уште двајца и пукал во моите слики – се присеќа Михајловиќ. Дури тогаш неговите сфатиле дека не се работи за шега и избегале од куќата, која набрзо била целоно уништена.
Поранешните најдобри другари се сретнале неколку години подоцна.
Го видов во 2000 година кога играв во Загреб. Дојде да ме поздрави, а јас го прашав дали е вистина дека ми ја срушил куќата. Потврди. Ми рече дека немал избор, зашто ќе го убиеле.
Да не ти ја разурнев куќата, ќе ме убиеја. Сите знаеја дека сме најдобри другари, а јас морав да докажам дека сум голем Хрват. Можев да ја урнам кога твоите родители беа во куќата, но не го сторив тоа. Им реков дека мора да си заминат, не сфатија сериозно, па бев принуден да пукам во фотографиите за да сфатат дека не се шегувам, да се исплашат и да избегаат – рекол другарот од детството, а Синиша му поверувал и го оценил гестот како начин на кој другарот му ги спасил родителите.
Куќа пак ќе направиме, а моите се уште се живи, заклучи легендата на светскиот фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.