Македонската фудбалска репрезентација попладнево со чартер-лет отпатува за Рим каде в петок на Олимпискиот стадион ќе ѝ гостува на Италија во рамки на претпоследниот натпревар во групата Ц од квалификациите за ЕУРО2024.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски одработија во Скопје дводневни мини – подготовки и во комплетен состав отпатуваа на дуелот со актуелниот европски првак.

Последен пат македонската репрезентација ѝ гостуваше на Италија на 24 март лани, кога триумфираше (1-0) во Палермо со голот на Александар Трајковски во полуфиналниот плејоф за пласман на Мундијалот 2022.

Македонските фудбалери го привршуваат евроквалификацискиот циклус без шанси да обезбедат пласман на ЕУРО2024, откако собраа седум бодови од шест натпревари и се наоѓаат на претпоследното место во групата Ц.

„Црвено – жолтите“ ќе ги заокружат евроквалификациите со дуелот против Англија во Скопје идниот понеделник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.