Шведскиот репрезентативец со македонски корени, Дејан Кулушевски, ја доби наградата Гулдболен (Златна топка) за најдобар шведски фудбалер за изминатава 2022 година.

Играчот на Тотенхем имаше одлична година и сосема заслужено за прв пат во својата кариера ја доби оваа награда. Воедно, со своите 22 години тој е најмлад игач кој ја освојува оваа награда по легендарниот Томас Бролин во 1990.

„Целата година ми беше апсолутно фантастична. Дојдов во Тотенхем и се вратив во живот, си ја повратив гладта, љубовта и сето тоа само пролета. Чувствувам како се подобрувам, и ми е неверојатно забавно кога сум на теренот“, рече Кулушевски.

Тој во јануари од редовите на Јуве премина во Тотенхем и оттогаш во Премиер лигата постигна 6 гола и асистираше 13 пати на вкупно 28 натпревари.

Единствено поле на кое немаше успех е репрезентацијата на Шведска со која не успеа да се пласира на Мундијалот во Катар откако загуби од Полска во финалниот бараж во март. Годинава во жолто-синиот дрес одигра 7 натпревари, постигна 1 гол и 3 асистенции.

„Наградата Гулдболен на Шведската фудбалска асоцијација и Aftonbladet (дневен весник, заб. на прев.) оди кај играч кој, со играчката интелигенција и зрелост, за кратко време прерасна во водечки играч во најсилната лига во светот“, рече Симон Банк додека го соопштуваше победникот.

„Се разбира, многу сум горд и среќен што ја добивам оваа награда. Многумина ми помогнаа на патот, кој беше исполнет со напорна работа. Горд сум што ја добивам наградава“, додаде Дејан.

Кулушевски е првиот Македонецд кој е играч на годината на европска земја, а да не е Македонија. Двајцата негови родители се од Охрид, а тој е роден во Шведска. За жал, порано настапуваше за македонската репрезентација до 16 години, но потоа одлучи да ги брани боите на Шведска.

Тој е вториот Балканец кој добива Гулдболен. Претходно тоа му успеа на Златан Ибрахимовиќ и тоа во дури 12 наврати, последниот пат во 2020 година.

Оваа награда датира уште од 1946 година, а прв освојувач е легендарниот Гунар Грен.

Кулушевски ја продолжи низата на играчи кои ја добиваат оваа награда, а не настапуваат во шведската лига. Последен играч од домашното првенство кој ја доби наградата е Роланд Нилсон во 1996 година, а тогаш настапуваше за Хелсинбориј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.