Полскиот голман Војчех Шчесни потпиша договор со Барселона до крајот на сезоната, а на „Камп Ноу“ пристигна како слободен играч.

Иако Полјакот претходно најави дека ќе стави крај на кариерата, 34-годишниот Шчесни, кој претходно играше осум сезони за Јувентус, сепак реши да ја повлече одлуката да ги закачи копачките на клин. Во Барселона, Шчесни доаѓа на местото на повредениот Андре тер Штеген, и ќе биде прв голман на Каталонците до следната година.

Тер Штеген неодамна заработи тешка повреда која ќе го оддалечи од терените практично цела сезона, а со оглед на високите амбиции на Барселона, раководството на клубот реши да не ризикува со досегашниот голман на вториот тим, Игнасио Пења и младиот Астрагало и наместо тоа, решија да донесат докажано решение меѓу стативите.

Со оглед на тоа што доцна дојде во редовите на Каталонците, Шчесни до февруари нема да може да брани за Барса во Лигата на шампионите, но ќе може да настапува на натпреварите од домашното првенство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.