Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) објави воведување нови правила за позајмувањето играчи. Од ФИФА соопштуваат дека новиот правилник ќе стапи на сила од јули 2022 година.

Од сезоната 2022/23, ќе биде потребен писмен договор со кој ќе се дефинираат условите на позајмицата, особено неговото времетраење и финансиските услови. Ќе има и минимален рок на заем, што е интервал помеѓу два периода на регистрација, но и максимален рок од една година.

ФИФА ќе воведе ограничување на бројот на позајмени играчи по сезона меѓу исти клубови. Во текот на сезоната, еден клуб може да има не повеќе од тројца играчи позајмени во ист клуб и ист број играчи позајмени од еден клуб.

Како што се наведува на веб-страницата на ФИФА, ќе биде воспоставен преоден период за да се обезбеди непречено спроведување на овие ограничувања:

Од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година, еден клуб ќе може да има најмногу осум играчи на позајмица и исто толку позајмени играчи во кој било момент од сезоната;

Од 1 јули 2023 година до 30 јуни 2024 година ќе работи истиот систем, но со максимален број од седум играчи.

Конечно, од 1 јули 2024 година ќе има лимит до шест играчи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.