Првиот селектор во историјата на фудбалската репрезентација на Македонија од независноста Андон Дончевски во интервју за Македонската радио телевизија (МРТВ) говореше за тоа како во моментов ги гледа случувањата во македонскиот фудбал.

Човекот кој со Вардар ја освои титулата во поранешна СФРЈ вели дека го боли душата кога гледа во каква ситуација се наоѓа неговиот омилен клуб.

Јадно е ова што се случува со Вардар, плаче и не престанува срцето за Вардар. Една величина која играла Европа од Данфермлајн до Порто, па сѐ до групната фаза во Лига Европа со Чеде Јаневски, сега да се соочува со оваа ситуација. Недозволиво е за Македонија, без оглед кој е на власт, со Вардар да се однесува вака нехумано! Не е само Вардар во прашање – Македонија е во прашање. На Вардар педигрето во Македонија никој го нема и уште 100 години да поминат нема да го стигнат. Катастрофа! Вардар дојде во ситуација за која човек не ни помислувал дека ќе се случи и мува не ги лази луѓето за да му се помогне на Вардар. Се помага на човек кога се дави, а не кога плива добро. Таму некои се жалеле зашто на Вардар да му се помогне, требало и на другите, ама никој не е како Вардар. Некои играат фудбал по канцеларии, а Вардар нема каде да тренира? Срамота! Греота е за тие фудбалери да нема каде да тренираат, да нема каде чајќе да се напијат. Да не знаат каде ќе играат, а да не зборувам за некои премии, бонуси, плати… Тие што се надлежни – греота е ова. Моја желба е Вардар и Македонија да одат напред. Вардар бил и мора да биде локомотива на македонскиот фудбал, мора да го влече македонскиот фудбал нагоре, вели легендарниот Дончо.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.