Напаѓачот на Абердин и на македонската репрезентација Бојан Миовски е номиниран за наградата за најдобар фудбалер во сезоната 2023/24 во шкотската Премиер лигата, која традиционално од 1965 година ја доделува Здружение на фудбалски новинари (SFWA).
Миовски, како што е соопштено денеска, номиниран е за престижното признание заедно со голманот на Глазгов Ренџерс, Џек Батланд, Мет О’Рајли од Селтик и капитенот на Хартс, Лоренс Шекланд.
Миовски од почетокот на оваа сезона постигна 24 голови во сите натпреварувања и беше избран за фудбалер на годината на Абердин, а се најде во тимот на сезоната во шкотската Премиер лига.
Наградата за најдобар играч во изборот на шкотското Здружение на фудбалски новинари ќе биде доделена на гала свеченост на 19 мај.
Престижната награда се доделува од сезоната 1964/65 кога прв носител на признанието беше легендата на Селтик, Били Мекнил.
Низ историјата само четворица фудбалери на Абердин го освојувале престижното признание кое го доделува SFWA – Мартин Бухан (1970/71), Гордон Страхан (1979/80), Вили Милер (1983/84) и Алекс Меклиш (1989/90).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.