Фудбалската федерација на Македонија денес го одржа редовното генерално Собрание на кое присутните делегати го усвоија извештајот на претседателот и Управниот одбор на ФФМ за 2022 година.
Највисокото тело на федерацијата ја усвои завршната сметка за минатата година и буџетот на федерацијата за идната година, а беше усвоен извештајот на независниот ревизор. Делегатите на Собранието едногласно ги усвои извештајот од Администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план 2021-2025, а беше усвоена и Стратегијата за социјална одржливост.
Работниот дел од денешното Редовно Собрание на ФФМ го следеа претставници на УЕФА и ФИФА. Денис Бастари, претставник на одделот за Национални асоцијации ја претставуваше УЕФА, додека Елкан Мамадов и Лоренцо Каваљари беа претставници на ФИФА.
Претседател на ФФМ, Муамед Сејдини најави продолжување на политиката на вложување во инфраструктурата со ставање акцент на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.
– За федерацијата и понатаму стратешки важно е вложувањето во инфраструктурата. До сега вложувавме во терени насекаде низ Македонија, но она што е важно да се нагласи е дека во наредниот период ќе работиме на подобрување на условите и на нашиот тренинг центарот „Петар Милошевски“. Со Управниот одбор ќе ја донесеме најдобрата одлука и мислам дека во наредниот период ќе можеме и поконкретно да зборуваме за тоа. Поентата не е само да се фотографираме, туку да ги покажеме конкретните чекори кои ги преземаме. Преку стратешки и проектен пристап, се подобрува фудбалската инфраструктура насекаде низ државата, градиме и уредуваме нови и постоечки стадиони, трибини и услови за тренинг, изјави меѓу другото Сејдини.
Претставниците на ФИФА и на УЕФА дадоа поддршка на ФФМ и ветија и изразија надеж дека средствата кои ќе ги доделата на нашата федерација ќе се искористат ефикасно и во насока на развој на фудбалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.