Во скопското „Котур“ вечерва (22 февруари) од 21 часот започнува целовечерна сеанса со друмските џез разбојници „Такси Конзилиум“.
„’Такси Конзилиум’ e спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Строг Пост, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers, Пијан Славеј, Дина Јашари и другари, Зарина Првасевда…) поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни, се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ. Како виежот на осамениот бас кларинет кој им свири контрапункт на звуците на обљуба што преку ѕидот се слушаат од соседната соба. Точно онака како што Ерик Долфи би звучел кога би бил лик во роман од Томас Пинчон.
Непоправливо декадентна и умерено злосторничка, ова е омилената музика на сите ништожници, чудаци, параноици, практикувачи на трансцендентална медитација, заговорници за кармичко прилагодување, препродавачи на половни возила и емисари на црниот пазар; истовремено пулсирајќи како шашавите сновиденија на одамна пензиониран циркуски акробат и нежното предење на невротичен буржуј за време на попладневната дремка, додека во позадина свири ‘Far East Suite’ на Дјук Елингтон, ама наопаку. Ова е џез како што треба да биде: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден. Сенки и испарувања, злокобна смеа во далечина. Малициозно стврднување под долгиот мантил во сомнително мрачно сокаче“, стои во најавата за настанот.
„Такси Конзилиум“ се Благојче Томевски бас кларинет и Bb кларинет, Филиш Букршлиев на гитара, Андреа Мирческа на контрабас и Драган Теодосиев на тапани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.