Синоќа се одржа 27. издание на Златната Бубамара на популарноста. Шоуто традиционално го отвори Ранко Петровиќ, сопственик на радио „Бубамара“.
Иако имате валидни документи, ќе бидете заглавени во овој меѓупростор. Движењето е забрането, навикнати сме на тоа, рече Петровиќ и соопшти дека денеска радиото слави 32. роденден.
Дами и господа, другари и другарки, сострадалници, добредојдовте на летот на Бубамара еарлајнс кој ќе трае 4 часа. Ова ќе биде забавен ‘притвор’, не мора да се врзувате, но пушењето е забрането. Освен во владиниот кабинет, ја отвори манифестацијата Петровиќ.
По минатогодишната пауза, манифестацијата повторно ја водеше актерот Сашко Коцев, кој во стилот на мотото „Кој чека ќе дочека, редно е да има ред“ и „Насмејте се- ќе се сликаме“, ја забавуваше публиката со досетки на актуелната тема со личните документи во државата.
Јас извадив пасош. Не со врски, туку на фората „Само да прашам”, се пошегува актерот и предложи сите кои чекаа ред за сликање пред полициската станица „Пролет“ (која има име како да е градинка) да ги сликаат групно и после со „кроп“ на секој да му издадат документи.
Тино и Атанас исто така маестрални во настапот. И тие на темата лични документи рекоа дека налепниците NМК се смислени за да не се иселува народот, оти кратенката значи „нема каде“.
Годинава на сцената се појави и Жарко Јовановиќ, актер од Куманово, кој исто така низ шега беше најавен дека додека се кумановци актуелни, како Ковачевски и Спасовски, да искористи додека не дошле струмичани. Јовановиќ на својот настап мошне успешно ги имитираше актуелните и поранешни политичари, спортисти и познати личности.
Темите секогаш актуелни, низ призма на хумор за поскажување на струјата, наплата за пренос на струја, настаните во Контрола на летање, патните исправи, корупцијата, неказнивоста, налепниците за табличките…
Игор Џамбазов со Гуру Харе со впечатлива изведба на „Денови“ од Кочо Рацин и преработка на „Californication“ од „Ред хот чили пеперс“ во насока на употребата на македонскиот јазик и грижа за него, како најава за наградата за Типографија-дизајнирање македонски кирилични фонтови, која ја доби Ласко Џуровски.
Пишувајте кирилица, да не заборавите да мислите, рече Џуровски кога ја примаше наградата и додаде дека е автор на логото на Златна бубамара на популарноста.
„Т’ га за југ“, пак, Џамбазов ја посвети на сите оние кои се отселија од Македонија во изминатиов период со надеж дека ќе се вратат, но и не потсети и на сите кои не напуштија изминатата година: Мето Јовановски, Димче Мешковски, Катина Иванова, Кире Костов, Трајче Ѓорѓиев…
На сцената пак, Нино Величковски, Драган Мијалковски, Жељко Самарџиќ, Националниот џез оркестар, Рамбо Амадеус, Александар и Дац, Андријана Јаневска, Ленче Дедејска, Владо Јаневски, Тамара Тодевска, Врчак, ДНК…но и Кире Лазаров, одбојкарската репрезентација, Иџе и актерите Нино Леви, ансамблот на Театар Комедија, претставници од „Танец“ и Македонска опера и балет… Многу музика и смеа.
Изведувачите се забавуваа додека беа на сцената, но и кога нивните колеги пееја на сцената, и оро се играше, многу смеење и убави впечатоци кои ќе се прераскажуваат.
Ова се добитниците на наградите:
Тинејџерска ТВ серија 2023 Тин-Камп
Балетска претстава за деца 2023 Петар Пан
Трајни вредности за афирмација на танцот Тодор Миладинов
Трајни вредности во народната музика Нино Величковски
Трајни вредности Д-р Миодраг Врчаковски – текстописец
Посхумна награда за животно дело Кире Костов
Спортист на годината 2023 Игор Стефановски-Иџе
Спортски успех 2023 Одбојкарска Репрезентација
Најпопуларен спортист 2023 Никола Ѓоргиев
Концерт на годината 2023 Владо Јаневски
Животно дело Драган Мијалковски
Трајни музички вредности Жељко Самарџиќ
Актерка на годината 2023 Наталија Теoдосиева
Најпопуларен млад актер 2023 Сергеј Димовски
Театарска претстава 2023 Ало Ало – Театар комедија
Спортска легенда Кире Лазаров
Етно песна на годината Давид Темелков – Моја Македонија
Проект на годината 2023 СИМБИОЗА-Танец и НОБ
Типографија-дизајнирање македонски кирилични фонтови Ласко Џуровски
Дуо на годината 2023 Александар и Дац
Пејачка на годината 2023 Андријана Јаневска
Албум на годината 2023 Македонијо во срце те носиме
Најпопуларна нова институција Национален џез оркестар
Награда за уникатни музички вредности Рамбо Амадеус
Песна на годината 2023 ДНК & Врчак – Посреќна
фото: Златна бубамара на популарноста
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.