Многумина синоќа во салата „Јане Сандански“ се вратија во деведесеттите, кога бројни хитови на македонски пејачи и бендови си ги потпевнувавме, без трепнување ги гледавме нивните спотови  на телевизија и во весниците читавме за нивните љубови, хирови, тајни, настапи, нови проекти…. Убав народ во публиката, убава атмосфера во салата, изведувачите среќни на сцената испраќаа пораки за враќање на убавите вредности кои некако низ годиниве ги заборавивме.

Во еден глас се пееја песните на „Пис брадерс“, Ребека, Бојана Скендеровски, Ристо Самарџиев, Бени, Маја Гроздановска Панчева, Александар Ристовски Принц, Искра Трпева, Маријан Стојановски, Арчи, Верица Пандиловска, Куку леле, Кристина Арнаудова…. поминале години, и изведувачите, но и ние во публиката сме сменети, но желбата за убава музика и забава не недостигаше и на сцената и во публиката. Иако можеби долго време не сме ги слушнале песните, сите ги знаевеме текстовите уште од првиот стих…

„99 Мегастарс“  како синоним на едно време на процут на музиката не врати токму во тоа време, а водителската двојка Мартин Трпчевски и Миа Костова во т.н. зелена соба придонесе чувството да е комплетно, бидејќи токму нивното присуство не асоцираше на ултрапопуларната емисија која ја водеа во тоа време „99“.

На сцената, пак, Маријана и Игор Џамбазов, потсетувајќи се преку видео снимки на годините наназад кога беа водителска двојка на „Супер бинго“ и кога се јавуваа гледачи во живо, во прекрасна атмосфера ги поделија наградите: 5 луксузни патувања за двајца во Дубаи, 10 гејминг лаптопи Lenovo, 10 iPhone 14 Pro и еден автомобил БМВ.

Фото: В. Тануровски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.