Со доделување на награди за најдобрите македонски културно уметнички друштва и со интернационална вечер што ја приредија гости од Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија и Полска, синоќа во Битола заврши 52 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”.
Фестивалот годинава започна на 18 јули и се одржуваше под мотото „Од корените до цветот”. Стручно жири во кое членуваа д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски, одлучи награда за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра да додели на ЖФК „Радовишанки” од Радовиш, награда за најуспешна група која презентираше староградска музика и игра доби КУД „Далги” од Охрид, оркестарот на фолклорниот ансамбл „Китка” од Истибање доби награда за најуспешен изворен состав, вокалната солистка Дијана Анастасовска членка на КУД „Илинден”-Битола е прогласена за најдобра вокалистика, додека КУД „Илинден” од Струга се наградени за ансамбл кој презентира најуспешна и најкомплетна изворна носија.
Награди на најуспешните и благодарници за учество на гостите од странство им додели директорката на НУ Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски.
За еден фестивал дека е успешен сведочат насмевките на учесниците и на публиката, силината на аплаузите, радоста на организаторите. На Министерството за култура и Општина Битола бескрајно им благодарам за препознавањето и значењето, како и поддршката на најстариот фестивал во нашиот град, фестивалот кој го претвори градот во крстопат, каде се споија истокот и западот, северот и југот, создавајќи пријателства што ќе траат, истакна Андоновска Илијевски.
На завршната вечер и на македонски јазик се обрати Диего Мантано член на ансамблот „Франциско де Гоја” од Мадрид.
Ви благодарам за вашето гостопримство и бидете сигурни дека од сега и понатаму секој од нас кога ќе ги насочи очите кон изгрејсонцето ќе се сети дека има една прекрасна земја Македонија со прекрасен град Битола, и каде во јули 2022 година оставивме дел од нашите срца засекогаш, истакна гостинот од Шпанија, Мантано.
Низ бројки…. 52 издание на фестивалот кој го слави фолклорот и традицијата 12 фестивалски денови бележат ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ во оваа 2022 година 61 настан понуди неверојатната програма во која имаше концерти, изложби, промоции на книги, филмски проекции, перформанси, работилници за деца, стручни конференции … 1.300 учесници и гости 7 земји учеснички 3 паралелни сцени и целиот град претворен во отворена сцена за настап.
Фестивалот ќе остане запаметен по огромна бројка на млада публика, нешто што било реткост на овој стар Фестивал. Мотото на фестивалот е оправдано „Од коренот до цветот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.