Викендов во Филхармонија, љубителите на добрата музика ќе имаат можност да уживаат во виртуозноста на изведбата на големите мајстори на гитарата – Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, кои ќе одржат два концерти пред македонската публика, на 1 и 2 јуни.

На денешната прес-конференција, која се одржа во „Аудиокултура“ во Скопје, Стефановски откри дека му е големо задоволство што албумот „Трета мајка“ доживува второ издание и тоа на винил.

Винилите се повторно во мода, на мое големо задоволство, и на задоволство на повеќето дискофили, рече Влатко Стефановски на промоцијата на реизданието.

Иако живееме во дигитално време, аналогните плочи и машини на кои се создаваше музика се сѐ уште ненадминати. Кога го пуштив овој винил на грамофон, ми дојде една таква тага и носталгија што имав потреба да се расплачам. Ми звучеше толку мирно, питомо и нерасипано, иако овој албум е снимен во 2004, а тоа не беа некои мирни години.

Инаку, станува збор за музички албум на Стефановски и Тадиќ, со учество на бугарскиот музичар Теодосиј Спасов, првично објавен во 2004 година.

На концертите кои ќе се одржат викендов ќе допатува Мирослав Тадиќ, кој живее во Америка и ќе се свири токму заедничкиот албум „Трета мајка“, додека Теодосиј Спасов поради обврски во Турција нема да дојде на скопските концерти, објасни Стефановски.

Стефановски рече дека тој и Мирослав Тадиќ имаат сличен сензбибилитет, каратерно се слични, па дури и физички наликуваат.

Неговата мајка се викаше Нада, мојата исто Нада, мојата мајка беше глумица, и неговата исто така. Неверојатни коинциденции. Мирослав е неверојатен познавач на македонската народна музика, има колекција на плочи од Васка Илиева, Никола Бадев, Сариевски, Виолета Томовска. Ако му кажам да засвириме заедно некоја народна песна, веднаш ме прашува чија верзија ја сакам“, раскажа Стефановски.

Бобан Милошески од „Авалон“ рече дека е среќна судбина што албумот се реиздава на плоча по 20 години. „Трета мајка“ содржи десет композиции кои се инструментални верзии на македонски народни песни и една турска. Стефановски и Тадиќ заедно го имаат издадено и албумот „Крушево“.

Кога снимаме во студио, не е важна само музичката фреквенција и звукот, туку емоцијата, таа е најважна. Фреквенција произведуваат и оние кои косат трева сега во Тафталиџе. Це-де, ниту музиката која ја слушаме на телефон, никогаш не може да го долови квалитетот на звукот кој се слуша на плоча, рече Стефановски.

Кога го добив мојот примерок од „Трета мајка“ и кога ја пуштив плочата на грамофон, ми дојде таква носталгија што ми дојде да се расплачам. Толку питомо ми звучеше тоа што го слушнав, толку невино. Иако времињата кога првично го снимивме албумов (2004 година) не беа мирни, дружбата која ја имавме со Тадиќ и Спасов имаше некоја возвишена димензија. Секој концерт со Мирослав претставува мал празник на музиката. Тоа е така затоа што ретко се гледаме – Мирослав живее во Лос Анџелес, каде што е професор и шеф на катедра за гитара на престижната школа „Калифорнија институт оф артс“. Ние функционитараме на некој чуден начин – без многу вербална комуникација и без многу вежбање – изјави тој.

Стефановски потенцираше дека многу се радува за концертите кои следат, поготово затоа што ќе бидат во Македонската филхармонија – една од најдобрите концертни сали кај нас.

– Особено сум возбуден за овие настапи и верувам дека ќе бидат вистинско уживање за сите на кои оваа музика нешто им значи – изјави нашиот гитарист.

Првиот концерт, кој ќе се одржи на 1 јуни, веќе е распродаден, а оние кои сè уште не набавиле билети за концертот на 2 јуни, можат да го направат тоа на онлајн на ticketx.mk и во продажната мрежа на ticketx низ Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.