Еден од најдобрите џез вокали на сите времиња, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг, вечерва настапува со Националниот џез оркестар во Скопје.
За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време“, а според „Вашингтон Пост,“ „oд средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.
Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.

Курт Елинг е првенствено познат како истакнат џез вокал и композитор кој има издадено неколку албуми, привлекувајќи признание од критиката и добивајќи престижни награди меѓу кои Греми. Академското образование на Елинг е подеднакво импресивно. Тој има дипломи по музика и историја и завршени магистерски студии по филозофија на Универзитетот во Чикаго, кои несомнено влијаеле на неговиот пристап кон уметноста и животот.

Настапувал во интимни џез клубови до големи концертни сали и престижни фестивали, Елинг остава неизбришлива трага на глобалната музичка сцена со настапи во живо кои пленат со својата наелектризирана енергија и емоционална длабочина. Има реализирано повеќе турнеи низ Европа, во градовите познати по своите богати џез традиции како Париз, Лондон, Берлин и Копенхаген; концерти низ Азија, меѓу кои концертите во Токио, Сеул и Шангај, настапи на главните џез фестивали во Австралија, Јужна Америка, концерти во Средниот Исток – Обединетите Емирати и Израел, и секако безброј концерти низ САД.

Во текот на неговата кариера, Елинг соработува со бројни истакнати музичари, опфаќајќи различни жанрови. Неговата разновидност и подготвеност да истражува нови музички територии доведуваат до некои револуционерни соработки меѓу кои соработките со познатиот саксофонист Бранфорд Марсалис на албумот „Upward Spiral“ (2016) награден со Греми; соработката со џез гитаристот Чарли Хантер на албумот „The Messenger“ (1997), соработката со пијанистот Фред Херш и албумот „Leaves of Grass“ (2009), инспириран од поезијата на Волт Витман; соработката со Дејв Холанд Биг бенд на албумот „What Goes Around“ (2002); соработката со саксофонистот и кларинетист, добитник на Греми, Пакито Д’Ривера, и секако, соработката со пијанистот Лоренс Хобгуд, долгогодишен соработник на Курт Елинг, негов музички директор и главен придружник долги години. Нивното партнерство донесе неколку познати албуми, вклучувајќи ги „The Messenger“ (1997) и „Man in the Air“ (2003).

Покрај музиката, Курт Елинг е и ликовен уметник, поет, еко-активист, и едукатор. Тој денеска помеѓу тонската проба со Националниот џез оркестар и вечерашниот концерт издвои време и се согласи на ексклузивен разговор.

Прв пат сте во Скопје и ќе настапите со Националниот џез оркестар. Сте настапувале во интимни џез клубови до големи концертни сали и престижни фестивали. Какви се Вашите впечатоци од пробата? Од салата? Музичарите? Како дојде до оваа соработка?

Мислам дека ова е прв пат да соработувам со Националниот џез оркестар. Имав прилика да запознам дел од музичарите претходно во Загреб во салата „Лисински“. Среќен сум што се сретнувам повторно со старите пријатели, но секогаш сум среќен и кога создавам нови пријателства. Многу сум задоволен од пробата, одлично се подготвени, како оркестар одговорија на секое барање, веднаш реагирааш, бргу ги разбираат идеите, едноставно ја направија мојата работа многу, многу лесна и убеден сум дека вечерва ќе имаме одличен концерт.

Имате вкупно десет номинации за Греми награди, од кои сте освоиле две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021). Што претставуваат за Вас овие признанија ? Дали ги доживувате како обврска, поголема одговорност?

Наградите едноставно мислам дека укажуваат на тоа дека луѓето go слушаат oнa што го работам. Секогаш сум среќен кога публиката е полна со енергија и исполнета од она што им го презентирам. Моја задача е нивните надежи или очекувања да ги исполнам и да се обидам да пејам се подобро секоја вечер.

Љубовта кон музиката сте ја стекнале преку Вашиот татко. Како изгледаше тоа вљубување со оглед на фактот дека како мал сте сакале да бидете полицаец и да јавате коњ во Чикаго, подоцна студирате Философија, а имате диплома по Историја. Како музиката изби во прв план?

Едноставно мислам дека не бев добар во ништо друго. Музичарите од чикашката сцена додека учев ме охрабруваа и ме тераа да работам понапорно, Јас пак, се трудев да бидам подобар за да ги натерам повторно да ме викнат да настапувам со нив. Ова е мојата вокација и многу сум среќен што ја најдов мојата цел, го најдов она што вистински ме исполнува, а Универзумот некако ме пресретна на половина пат. И тоа е голем подарок за мене.

Ќе речете дека преку ден сте ги читале Кант и Шлајермахер, обидувајќи се да се справите со тоа, а ноќе сте седеле во клубови и, се разбира, не можете да ги направите и двете и да бидете ефективни. На крајот саботата навечер ја победи Недела наутро. Дали студиите по филозофија на Универзитетот во Чикаго имаа влијание на Вашиот пристап кон уметноста и животот?

Всушност е сосема обратно. Имав големи прашања исправени пред мене и ми требаше и сакав да продолжам да ги истражувам и да стигнам до вистинските одговори. Понекогаш нема одговори, има само прашања. Во поголемиот дел од времето, за најважните прашања во животот најчесто е така. Ја добив дипломата, го завршив образованието затоа што сакав да се здобијам со информации и тоа беше со мене цело време.

Во „Тајните се најдобрите приказни“ носите политички и социјални пораки. Дали мислите дека уметноста може да го промени светот? Дали уметниците треба да преземат општествена одговорност?

Уметноста веќе го менува светот. Така е уште од самите почетоци и знам дека колку и да постојат луѓе во светот кои ќе изберат да дојдат на концерт, сакам да им кажам и да пејам за нив… да им ја пренесам најважната можна порака која можам да ја дадам. Исто како што сакам да пејам најдобро што можам за нив, исто како што сакам било кое друго искуство да биде најдоброто што може. Но, јас сум исто така човечко битие кое живее во овој свет, а трагедиите и хорорите се исто толку реални колку што се инспирациите и убавите аспекти, како пријателство, љубов… Затоа сметам дека би било многу погрешно да се игнорира она што другите луѓе го преживуваат. Исто како што би било погрешно да се игнорира неверојатно инспиративниот аспект да се биде жив. Сето тоа е дел од животот. Ако можам да бидам на страната на луѓето кои биле повредени и ако можам да сторам било што за да им помогнам, ако можам да бидам на страната на губитниците, со се што можам да направам, а мојата дарба е да пејам и да пишувам стихови – сето тоа морам да го користам многу одговорно

Одржувате и мастер класови. Што е она што најмногу би сакале да им порачате, да им пренесете на своите помлади колеги?

Сметам дека најважно нешто во животот е да го пронајдете она во што сте вљубени. Ако сте вљубени во музиката, тогаш дајте се од себе, целото свое време и посветете го целиот свој живот за да имате колку што е можно повеќе време за музика. Жртвувајте се за неа, бидете дисциплинирани, почуствувајте ја, експериментирајте со неа за да дознаете се за неа. И што и да е она во вашиот живот, што го има овој аспект,  тоа е она за кое треба да се определите. Ако е музиката-тоа е одлично, ако е нешто друго, тогаш тоа најверојатно ќе ве пронајде и ќе ве насочи. Ако имате доволно среќа да имате нешто што толку многу сте вљубени во него тогаш тоа треба да го следите.  Музиката бара многу време, не е лесно и заслужува целосно посветување и личен прогрес, без оглед дали говориме стриктно за музиката или како за човечко битие. Секој од нас мора да биде подобар човек, или да свирите подобро, треба да бидете подобар музичар, ако сте историчар треба повеќе да истражувате, да учите, да бидете смирени и така преку вашата професија да го живеете животот. Се она што вреди најмногу за вас во вашиот живот ќе го бара сето ова од вас.

Разговараше: Невена Поповска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.