Украина, која победи на Евровизија оваа година, ја осуди одлуката да и се одземе домаќинството следната година, донесена поради руската инвазија.

„Украина не се согласува со природата на одлуката донесена од Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Бараме дополнителни преговори за домаќинство на Евровизија во 2023 година во Украина“, рече во изјавата министерот за култура Олександр Ткаченко.

ЕБУ во петокот објави дека Евровизија 2023 не може да се одржи во Украина поради војната, додавајќи дека е во преговори со Би-Би-Си натпреварот да се одржи во Велика Британија.

„Украинската јавна телевизија UA: PBC не може да ги исполни оперативните и безбедносните гаранции потребни за телевизијата да ја води, организира и произведува Евровизија според правилата на ESC“, објави ESC (Натпревар за песна на Евровизија) на Твитер.

„ЕБУ сака да им се заблагодари на UA: PBC за нивната сесрдна соработка и посветеност да ги истражуваат сите сценарија во неделите по победата на оркестарот Калуш во Торино и ја споделува својата тага и разочарување што натпреварот следната година не може да се одржи во Украина“.

Украинскиот оркестар Калуш победи минатиот месец во Торино, додека Обединетото Кралство беше на второто место.

„Очигледно, ова не се околности што некој би ги посакал. Се разбира, ќе разговараме за домаќин на Евровизија“, соопшти Би-би-си.

Традиционално, победникот на Евровизија ќе биде домаќин на натпреварот следната година, но безбедносните и оперативните гаранции потребни за телевизијата да го одржи натпреварот, значат дека таа можност ќе ја добие земјата што завршила втора.

„Нашата целосна намера е јасно да ја видиме украинската победа на натпреварувањето следната година“, соопшти ЕБУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.