Полн беше салонот на Националната опера и балет и сите гледачи станаа и со долг аплауз го поздравија македонскиот композитор Григор Копров во чија чест вчера, на 4 јули во рамките на Скопско лето се одржа концерт „Најдоброто од Копров“.
Песните на концертот ги испеаја Ана Петановска, младата вокалистка со раскошен талент, која соработува со Копров, а на сцената се појавија и Наде Талеска, која ја почнала кариерата со Копров, Денис Димоски, Горан Наумовски кој е дел од организацијата на концертот и на крај Владо Јаневски како специјален гостин. На крајот од концертот в.д директорот на Операта Орце Ицковски го покани Копров на сцената да му врачи плакета од името на Скопско лето и од Операта, а Копров, видно возбуден кратко кажа:
Сите ние во одреден дел од животот чувствуваме некоја возбуда. Бев возбуден кога се женев, кога ми се роди синот, кога мажиш или жениш дете. Јас вечерва, со оглед на годината на производството, чувствувам голема возбуда“, кажа Копров и доби громогласен аплауз од гледачите во салата.
За Петановска, Копров е многу широк човек и според она што го сподели со публиката, секој ден во студио со него е мошне интересен.
Тој нам, младите пејачи, ни дава можност да бираме како една песна ќе звучи, ги прифаќа нашите идеи. Ви посакувам вака да терате до 120, а за назад, ќе му ја мислиме, му рече Петановска на Копров.
Концертот почна со песни од Тоше Просески кои ги испеа Петановска, која потоа во дует со Димоски ја испеаја „Немир“ на Тоше и Каролина. Публиката се развесели со „Лиду ду“ и „Сребрени улици“ од Маја Оџаклиевска. Наумовски ја изведе „Прости ми“, исто така на Оџаклиевска. Талевска јавно му се заблагодари на Копров и го нарече легенда и ги отпеа хитовите „Анушка“ и „Лео“ од Ана Костовска и Калиопи.
Наде Талевска и Горан Наумовски беа одличен дует во „Остани во мене“ од Калиопи и Ромео Грил, а Петановска и Наумовски во „Љуби ме и главата горе” од Зафир и Сенка. Концертот заврши со „Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска, за која Петановска рече можеби оваа песна е потценета, но нејзе ѝ е омилена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.