Македонските џез и хип-хоп легенди Тони Китановски и Димитри од Чаир вечерва во Бруталиск ќе го претстават својот нов проект на бесплатен целовечерен настап пред скопската публика. Насловен како „Ентропија“, материјалот се состои од инструментално солирање со светски препознатливата гитара на Китановски врз семплови од познати музички стандарди на тапани подготвени од славниот Чаирчанец Димитар, а настапот почнува во 21 часот на бул. Илинден 38А.

Кога говориме за ентропија како научен поим, тогаш асоцијацијата е наизменичност, спротивставување на два елементи, уништување на едниот со преоѓање во другиот или термодинамички хаос. Но, ентропија во музичка смисла е воздигнување на индивидуалните квалитети до момент кога две различности создаваат другарство  кое резултира со хармонија во својот краен облик. Така, џез гитарата како инструмент и хипнотизмот на хип хоп ритмиката, создаваат едно футуристичко електро фанк чувство кое е лесно асоцијативно со, денес популарната, општествена дистопија. Скопското  урбано музичко наследство во форма на грамофони и 6 жици, оваа среда во Бруталиск, ве очекува на ноќна импровизација со музиките стандарди. Само за сладокусците, оваа вечер, Тони Китановски и ДЏ Димитри од Чаир, различни и специфични во своите аудио афинитети, ќе имаат изведба на својот проект

Китановски и Димитри имаат долгогодишна креативна соработка, иако зад себе имаат долга листа на албуми, концертни настапи и соработки со други музичари. Димитри, покрај како вокал и текстописец на Чиста Околина и САФ, во својата биографија брои и соло ангажмани под името „Пики Сипи“, како и ДЏ настапи под псевдонимот „Димитри од Чаир“. Китановски е исклучително плоден џез „композитор кој свири гитара“ кој својата кариера ја започнува свирејќи за оркестарот на Драган Ѓаконовски – Шпато, а по дипломирањето на Беркли, во Скопје издава неколку свои албуми, но и создава неколку проекти со познати регионални и светски ѕвезди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.