Помеѓу многуте турнеи и настапи ширум светот каде што има Македонци, миленикот на публиката Ѓоко Јовиќ конечно најде време да сними нова песна и со тоа да ја израдува својата многубројна публика.
Ѓоко и овојпат довербата за неговата најнова песна ја довери на тимот Лазар и Магдалена Цветкоски, кои се потпишуваат на неговиот претходен албум „Корени“, кој беше промовиран во 2018 година.
Новата песна на Јовиќ вчера беше објавена на музичките платформи, како и на сите социјални мрежи и таа носи наслов „Незаборавна“. Ѓоко сними и видеопот и тоа на една од неговите турнеи во Австралија, од каде се врати неодамна заедно со неговите „Енерџи бенд“.
Но, оваа песна е само најава за она што следува од Ѓоко и неговиот тим. Новиот албум се работи под полна пареа, а следната песна треба да пристигне многу наскоро, односно веќе наредниот месец.
Веќе неколку песни се готови од новиот албум. Името не би го открил сега, тоа најверојатно ќе го решиме со Лазе и Ена. Во последно време сум многу повеќе во нивното студио и работиме на новите песни. Не би сакал да откривам сега многу детали, но ве уверувам дека ова што допрва ќе слушате ќе биде најдоброто од мене, вели Јовиќ.
Инаку Ѓоко и неговиот бенд ги очекува „жешко лето, со оглед на нивните закажани настапи во земјава, Европа и прекуокеанските земји, но тој вети дека и покрај набиената агенда ќе најде и ќе има време за нов музички материјал за неговата публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.