Втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“ ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија.

Настапуваат култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. Оваа вечер, публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во невидено издание досега, во проширен состав-оркестар. Сетстат ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија. Сетстат имаат издадено 9 студиски албуми, а во очи на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10ти албум, насловен како „Соба 107“.

„Ние не сакаме да зборуваме за некаков „јубилеј“. Едноставно не се чувствуваме „престарени“ за оваа работа. Се уште сме деца. Наталоженото искуство од годините, па ако сакате и од децениите, ни дава можност само поинаку да ги гледаме работите. Го завршивме нашиот нов албум „Соба 107“ кој светлината на денот ќе ја дочека вечерва на концертот. Во настапот на Сетстат интегриравме четворица млади македонски џез музичари, кои најдоа свој израз при снимањето на новиот албум на „Соба 107“. Многу логично за нас беше да ги поканиме на заеднички настап. Морам да признаам дека енергијата со која тие ни пристапија за нас е исклучително инспиративна“, вели Владан Дробицки, лидер на џез формацијата Сетстат.

Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.

Toka Shitet е уметничко име на Идриз Амети, кој има 4 студиски албуми зад себе. Како соло уметник свири на шаркија (традиционален балкански инструмент). Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година и работи со различни бендови и уметници.

 

„Крај Вардарот Џез” е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, а оваа година е селектиран како еден од 10те фестивали од Балканот, кои ќе учествуваат во програмата за размена на Фестивали и клубови (FEX – Festival & Club Exchange Program), која се имплементира во рамки на платформата МОСТ музика (MOST music). Целта е да се поттикне музичкиот пазар на Балканот преку поврзување и поддршка на уметници, менаџери, фестивали и институции и да го доближи до светскиот музички пазар. Ова му овозможува на КВЏ во текот на 2023 година програмска соработка со Тандем фестивал од Европа во рамки на која ќе се овозможи гостување на домашни музичари на фестивалот во Европа и обратно, директна соработка помеѓу организаторите на обата фестивали, отворање нова мрежа на соработници со останатите учесници во програмата и секако поголема видливост и препознаеност на „Крај Вардарот Џез“ во поширокиот европски музички контекст. Работата на платформата МОСТ музика е поддржана од програмата Креативна Европа на ЕУ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.