ЗЏМ со нов концерт: несекојдневен настан на кој ќе имаме можност да ја сведочиме генијалноста на едно од најголемите имиња на Балканот – Рамбо Амадеус, во придружба на нашиот единствен и неповторлив ЗЏМ БИГ БЕНД. Концертот ќе биде уникатна можност да ги чуеме легендарните песни на Рамбо Амадеус во аранжмани за биг бенд.

Рамбо Амадеус е артист кој доаѓа од Црна Гора и делува како музичар и поет, гитарист, па и еко-активист. Неговите текстови и медиумски излагања се цитираат со години и децении откако се искажани. Неговите песни комбинираат уникатни сатирични текстови кои честопати ги критикуваат општествените појави кои нѐ засегаат сите, а неговите концерти речиси никогаш не значат дека ќе чуете едноставни повторувања на снимените песни. Напротив, секое слушање е ново доживување и умешна импровизација која зборува за човековата природа.

Музиката е еден неограничен простор и универзален јазик. Музиката ја разбираат секаде на светот и во Амазонија и во Шведска. Отсекогаш сум посакувал ваква соработка, тоа ми е многу возбудливо, бидејќи гледам дека некои мои дела сега добиваат нов живот. Среќен сум што мојата музика ја слушам на некој нов начин, среќен сум што тоа на некого му значи. Дека не е се некаков шоу-бизнис, и некаква естрада, туку дека постојат луѓе, уметници на кои тоа им значи. Овој начин на работа е супер. Се надевам дека ЗЏМ Биг бенд после мене ќе имаат уште многу соработки со регионални музичари, дека со оваа соработка повлековме нога и дека ќе почнат сами да се јавуваат да ги бараат овие прекрасни музичари за соработка. Концертот ќе се снима, ќе се трудам да бидам на висината на задачата, дојдов и порано неколку денови за да пробаме. Многу е поразличен пулсот, друго е кога свират дваесет луѓе, а сосема друго кога свират 4-5 луѓе. Поинаку се постигнува тој микротајминг. Човечкото уво слуша во рамките на ритамот разлика од 2 милисекунди, напред, назад и тоа страшно менува. Ќе вежбаме и вечерва, и утре вечер и се надевам дека ќе имаме одличен настап, рече на денешната прес конференција Рамбо Амадеус најавувајќи го концертот со ЗЏМ Биг бендот в четврток (8 декември) во салата на Македонската Филхармонија.

Гордан Спасовски истакна дека е чест и задоволство е да се има ваков гостин како што е Рамбо Амадеус и дека им било мошне инспиративно да се создава нова музика заедно со Сашо Николовски, Трајче Велков, Дамир Имери, Владимир Николов, Владимир Ботев, Џијан Емин, Иван Петровски кои работеле на аранжманите и секој од нив со дел од себе придонел да се случи овој концерт.

Добив претходно ноти и изводи од аранжманите, но тешко може од нив да се добие комплетен впечаток, но мене веднаш ми беше јасно дека е погоден духот на секое парче музика. Целата моја музика кога ќе ја расчлениш, има вовед, има дел кој се повторува, и како за композитор нема многу работа, но со ова сега целата работа пулсира и расте од почеток до крај. Јас како изведувач и свирам гитара имам многу помалку работа. Овде сега јас сум му на бендот како некаква муниција за да можат да митралираат и да покажат што знаат. Ова е нивно шоу во кое јас сум гостин и ќе се трудам со својот егоизам да не пречам, зошто тие имаат што да покажат. Тоа се луѓе кои знаат што прават. Во еден дел аранжманот ме изненади, како експлозија на звукот, тоа мое дело всушност е досадно, не е ритмичен, но ним им се допаднал и аранжерот така понирал што изгледа како Стравински да ми го аранжирал делото. Шокиран сум, како човекот да ми влегол во главата и сфатил што сакам подобро од мене, рече Рамбо Амадеус.

 

Џијан Емин сподели спомени од 1991 година кога биле ученици во Музичкото училиште слушале музика од Рамбо Амадеус. И рече дека за него ова е фантастичен момент после толку години да имаат заеднички концерт со Рамбо Амадеус.

Ќе изведеме седумнаесеттина песни за да ги изведеме во некој нов дух, нов аранжман, нов шарм. За мене дополнително е многу битно што полека влегуваме во еден фазон каде ние учествуваме во креацијата на музиката и сметам дека е важно да се спомене и тоа бидејќи тоа е основата на постоењето на овој оркестар-се занимаваме со создавање на нова музика, нови дела и соработка со домашни, регионални, странски уметници, рече Емин.

Имаат покани за неколку гостувања на регионални џез фестивали но сеуште ништо од тоа не е дефинирано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.