Оригиналниот текст напишан со рака за песната „Starman“ на култниот британски музичар Дејвид Боуви од 1972 година е продаден на наддавање во вторникот во Велика Британија за 203.500 фунти, објави аукциската куќа Omega Auctions.
Песната првпат е објавена на петтиот албум на Боуви под наслов „ The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“
Почетната цена на текстот напишан со темносино мастило на хартија со формат А4 изнесуваше околу 40.000 фунти.
На хартијата се забележуваат измени и додавања кои ги внесувал Боуви, како и правописните грешки на кои музичарот правел исправки.
Текстот во 2013 година беше изложен во музејот „Victoria & Albert“ на ретроспективната изложба посветена на пејачот кој почина во јануари 2016 година на 69-годишна возраст.
Аукциската куќа Omega Auctions објави дека текстот го продавал анонимен приватен колекционер кој го добил во посед уште во 1980-те години.
Парчето хартија со текстот на хитот на аукцијата е понудено во рамките на поголем број предмети под насловот „David Bowie & Glam Rock“, а обожавателите, меѓу другото, можеле да купат постери и винилни плочи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.