Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола во соработка со НУ Центар за култура, ја промовираше музичката компилација „Битола е градот“.

Станува збор за ЦД со 22 композиции од исто толку различни изведувачи, проект поддржан од Општина Битола. Креатор и реализатор на проектот е Илија Талев, попознат како диџеј Иле Косата.

„Битола е градот“ е прво и единствено вакво издание од ваков вид во комплетната музичка историја на градот, а се однесува на поп-рок музиката и останати жанрови и под-жанрови. Околу идејата за овој проект Талев вели:

„Повеќе неврзани приказни се виновни за реализација на оваа компилација. Додека сум промовирал одредена музика (најчесто рок музика) голем дел од групите кои се составен дел од оваа компилација, со свежи штотуку продуцирани снимки ми ги нуделе да ги вметнам во сопствениот сет за таа вечер. Тоа го прават и ден денес, што ми претставува особена чест и задоволство. Сепак, за да препознаеш одреден талент и квалитет треба истиот и да го поседуваш. Од друга страна, при некакви неформални разговори со млади изведувачи или мои поддржувачи и музички истомисленици, сознавав дека истите имаат недоволно познавања првенствено за домашната музичка сцена, на пример, истите тие не знаеле кој е еден Славе Димитров. Токму затоа е направена оваа компилација (и наредните две кои допрва ќе следат), за да се избегнат од заборав еден куп локални групи и извдувачи, кои биле сведоци на едно време во кое твореле и живееле достојни за почит за направеното, а на сметка на некои идни изведувачикои треба да продолжат, а зошто и да не ги надминат нивните врвни остварувања.“

Изборот на композициите бил базиран врз основа на четири правила, а тоа е дека изведувачите треба да егзистираат и творат на територија на град Битола, да имаат издадено албум во форма на носач на звук или во дигитална форма, во периодот од 2001-2022 година со авторска музика.

Музичката компилација „Битола е градот“ содржи нумери на Кристо Роџевски, „Љубојна“, „Фолтин“, „Пијан Славеј“, „Паркети“, „Pumpers“, „Code 369“, Сашо Поповски, „Sweet Rapscallions“, Димитра, Марија Плава, „Corrosion“, „Three Minutes In The Rain“, „Мазно Ама Не Е“, „Molokai“, „The Government“, „Вел“, „Sound Waves“, „Кактус“, „Lucent“, „Спанк и Музак“, сите од Битола.

ЦД-то „Битола е градот” е исто така подарок за сите љубители на музиката ширум државата по повод 15-годишниот јубилеј од постоењето на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис” – Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.