Во пресрет на 23. OFFest (6-9 јуни), Скопскиот џез фестивал, во кафе – книжарницата Буква, ќе одржи промоција на најновото издание на SJF Records – „Нудист“, втората дискографска објава на Пијан Славеј.
Вториот студиски проект на Пијан Славеј се состои од четири композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
На албумот музицираат: Бранислав Николов – вокал, мини електрично пијано, Пеце Трајковски-Брада на гитара, синтисајзер, Гоце Јованоски на бас и Славчо Јовев на тапани.
„Нудист“ е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист” се во срцето на пошироката концертна програма на бендот Пијан Славеј , насловена како „нова македонска шансона“.
Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист“ ќе биде достапен, веќе од овој петок (31 мај), и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси (Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.