Почнувајќи од денеска, па до 2 септември Прилеп по 12-ти пат е домаќин на фестивалот „Прилеп џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend). Фестивалот го задржува досегашниот концепт и ќе понуди ОФ-програма и три џез-вечери во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Отворањето на Фестивалот ќе биде означено со вечерашниот концерт на археолошкиот локалитет „Врбјанска ќука“. Незаборавна вечер ќе понуди Џенгис Ибрахим, еден од врвните музичари на Балканот,  препознатлив по ориенталната музика што ја изведува. Ибрахим ќе изведе композиции кои комуницираат со архаичниот амбиент и ги рефлектираат неговите импресии од интеракцијата со древниот свет.

Утре,  во клубот „Калинка“ ќе настапат „Next to Silence“, бенд кој започна со свирење реинтерпретирани мелодии од музичари кои издаваа за музичката куќа ECM, но продолжи да создава своја музика. Во составот се: Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас,  Гоце Наумов – барабани.

На првата вечер на 31 август на малата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе настапат Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ со нивниот последен проект „Пиле Шарено“.

Вториот дел од вечерта е резервиран за најновото  сновидение на Јордан Костов, „Jingarabushi“: разнобојни лица и инструменти, познати и непознати, кои на јаве ќе се сретнат на сцената на годинашниот Прилепски џез фестивал. Составот, кој е резултат на многубројните авантури на композиторот-скитник, е сочинет од вокалите и флејтите на Нао Иизука, гитарата на Хисао Фукушима, пијаното на Гензох Такехиса, гајдата на Шин-ја Охно, баритон саксофонот на Андреас Гунтер и перкусиите на Дамјан Грујо. Костов повторно ги спојува истокот и западот диригирајќи го овој ексцентричен Јапонско-германско-македонски оркестар, во кој се придружува со хармониката, неговиот примарен инструмент.

Втората џез-вечер на 1 септември на малата сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја отворат Soothsayer, бенд кој го сочинуваат тројца млади, но веќе етаблирани музичари кои ја истражуваат класичната сакс-бас-тапани трио музичка форма, и многу се забавуваат додека го прават тоа. Во вториот дел од џез-вечерта ќе настапат познатите и успешни членови на бендот „Фолтин“.

Последната вечер на годинашниов Прилеп-џез викенд, на 2 септември е резервирана за име гостите од Србија, „3gonome3“. Тоа е експериментално трио составено од  фантастични музичари, мајстори на импровизацијата. Фестивалот ќе го затворат „Intergalactic mutant funk“, колектив од музичари чие основање е поттикнато од желбата за поспонтана егзистенција.

Фестивалот „Prilep Jazz Weekend“ е во организација на здружението за супкултура „ПП Џез фестивал“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.