На македонското естрадно небо секогаш има место за квалитетни и талентирани пејачи, а еден таков е и младиот кавадарчанец Чеде Спасиќ, кој вчеравечер најпрво на социјалните мрежи ја промовираше својата прва авторска песна. Станува збор за нумерата со наслов „Прва и последна “, која е дело на добро познатиот авторски тандем Борче Нечовски и Дејан Момороски, однонсно снимена е во студиото „Xl studio Momiroski“.
Во песната свој белег има оставено и гитаристот Дамјан Пејчиновски, додека придружниот вокал го пее Сара Пројковска.
Чеде е добро познат на публиката каде настапува, а за тоа говорат и неговите настапи на кои секогаш се бара место повеќе. Тој вели дека едвај чекал да дојде денот да ја промовира песната и да покаже што сработиле заедно со неговата екипа овие неколку месеци наназад.
Долго време бев во потрага по добра песна и мислам дека конечно го најдов тоа, впрочем публиката треба да го каже тоа, но јас верувам многу во овој проект. Презадоволен сум од тоа како течеше соработката со Борче и Дејан, а исто така и од тоа како излезе видеоспотот. Коментарите веќе пристигнуваат на моја адреса и сите, ама буквално сите се позитивни, вели младиот пејач Спасиќ.
Видеоспотот во режија на Николај Скерлев е снимен на плажите на Сончев Брег, Бугарија.
Младиот пејач вели дека ова е само почеток, дека публиката наскоро ќе има прилика да ја слушне и втората песна, која исто така ја работи со истиот тим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.