Синоќа (23 јануари), во просториите на Националната опера и балет, со почеток од 20 часот, својот прв концерт го одржа Националниот џез оркестар.
Директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стефковски им посака убава вечер на присутните, додека Џијан Емин раскажа дека токму постоењето на оваа национална инситутција се должи на макотрпната работа на Стефковски и неговиот ангажман во текот на седум години кога сопствената кариера ја ставил на пауза и се ангажирал целосно во насока на неговото формирање.
Со овој концерт, кој претставува еден вид симбиоза на биг бенд творештвото на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации, свечено се одбележа почетокот на концертната сезона на Оркестарот.
На концертот насловен „Џез нова“ се отсвиреа дела на Гордан Спасовски, Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Иван Петровски, Алек Пејовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Илија Пејовски, како и од диригентот Џијан Емин и директорот на оркестарот Гоце Стефковски.
За месеците кои следат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар кој ги следи актуелните трендови во џез музиката, но вклучува и изведби на џез класици од домашната, регионалната и светската џез сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред почетокот на првиот концерт на Национален џез-оркестар, истакна дека со многу љубов, работа, разбирање, почит и визија заеднички стигнале до оваа концертна вечер на новоформираната национална установа од областа на културата.
По долготрајниот аплауз и стоечките овации на крајот од концертот, Оркестарот на бис ја изведе „Поздрав до оркестарот“ од Драган Ѓаконовски Шпато.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.