„Ми треба“ е насловот на новата песна на Бојана Скендеровски, со која таа реши да ја заокружи музичката приказна што годинава во јануари започна да ја раскажува со темата „Зад завесите“, па преку „Среќа и несреќа“ ја продолжи со „Сонце меѓу сенките“. Станува збор за ведра, весела тема со, како што вели Бојана, труби – композиција каква одамна посакувала.
Песната веќе стандардно кога е Бојана во прашање ја има во две верзии – македонска и српска (српската е со наслов „Докажи“). Комплетен автор е Саша Милошевиќ – Маре, додека за препевот се погрижи Огнен Неделковски. Видеото, пак, е работено под режисерската палка на Александар Ристовски – Принц, а по сценарио на Васко Скендеровски.
Дел од видеото освен Бојана се и многу јавни личности и нејзини драги пријатели. Така, главните улоги ги имаат водителките Маријана Станојковска и Ведрана Ѓорѓевиќ, заедно со актерот Зоран Љутков, а гостуваат и Миле Кузмановски, Ферус Мустафов, Мики Црнокрак, фудбалерот Александар Васовски, Јелена, Ива и Вики…
Текстот е феминистички, па затоа песната им ја посветувам на сите жени, мајки, кралици, кои се издржливи, силни и точно знаат што сакаат во животот. Оваа година сакав да ја заокружам со една моќна и ведра песна која ќе ги размрда сите, затоа што сите заслужуваме малку забава, уживање и позитивни мисли“, вели Бојана.
На синоќешната промоција Бојана освен што на јавноста ѝ ја претстави новата песна, откри дека со исто темпо продолжува и во следната година, како и дека веќе се работи на дует со колега од соседството, но и дека ќе работи на тоа да си ја оствари желбата за солистички концерт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.