Сите оние кои вчеравечер во салата на Македонскиот народен театар имаа можност да присуствуваат на концертот на Курт Елинг и Националниот џез оркестар сведочеа за магијата која ја приреди еден од најдобрите џез вокали на сите времиња и двократен добитник на Греми награда. Според коментарите од оние кои сведочеа на извонредниот машки џез вокал, се чувствувале првилегирани што беа на концертот кој се случува еднаш во животот.

Елинг поединечно ги претстави сите членови на Националниот џез орекстар за кои имаше само пофални зборови.

Многу сум задоволен од музичарите, одлично се подготвени, како оркестар одговорија на секое барање, веднаш реагирааш, бргу ги разбираат идеите, едноставно ја направија мојата работа многу, многу лесна и убеден сум дека вечерва ќе имаме одличен концерт, рече Елинг на почетокот.

Имаше само пофални зборови, не само за музичарите туку и за државата на која, како што рече треба да бидеме горди што поддржала формирање на ваква Национална институција и што поддржува ваква прекрасна музика.

Елинг во својата изведба добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми. Публиката со долги аплаузи и стоечки овации ја поздравуваше секоја изведба, а тој пред секоја песна комуницираше со нив на мошне шармантен начин и уште еднаш потврди дека неговите настапи во живо пленат со својата наелектризирана енергија и емоционална длабочина.

Заблагодарувајќи се на крајот на целиот оркестар, рече дека толку многу му се допаднале што би сакал да продолжат да свират со него на турнеја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.