За љубителите на авангардната џез музика, достапно е новото, 46-то по ред издание на ПМГ Џез кој ни го претставува Macedonian Free Society“, октет од современи џез музичари кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика.

„Потребата за нов – креативен, (о)слободен, инспиративен а во исто време предизвикувачи израз добиен како резултат на соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав. Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба како резултат на поединечни музички преокупации и форми на израз на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна изведбена целина, е резултатот на овој современ ансамбл“, потенцираат од „ПМГ Џез“.

Од таму посочуваат дека неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави, нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Драган Теодосиев, Глигор Кондовски и Благојче Томевски.

Сите овие музичари се дел од силната македонска слободна џез сцена, која изминативе неколку години е посебно витална и исполнета со изданија со меѓусебни соработки на музичарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.