„Џез Лектира,” е новиот проект на Националниот џез оркестар со кој изминатиов викенд не навратија во биг бенд ерата, или ерата на свингот – значаен период од музичката историја во кој популарната музика во САД доживува трансформација.

Големи ансамбли, пишани аранжмани кои се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера која го доживува својот врв од 30-тите до средината на 40-тите години нa 20-тиот век.

Во тој период се истакнуваат една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката во тој период, Меѓу најважните имиња во биг бенд ерата се вбројуваат Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер, и секако Каунт Бејси.

Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како “Кралот на свингот”. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично.

Многу светски познати музичари доаѓаат до израз токму во овој биг бенд, вбројувајќи ги тенор саксофонистите Лестер Јанг и Хершел Еванс, гитаристот Фреди Грин, трубачите Бак Клејтон и Хари „Свитс“ Едисон, тромбонистот Ал Греј, и пејачите Џими Рашинг, Хелен Хумес, Телма Карпентер и Џо Вилијамс.

На концертот, кој во саботата се одржа под наслов „Џез Лектира,” , Националниот џез оркестар се осврна на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот, како и на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка, Дајан Шур, меѓудругото добитничка на две Греми награди за најдобра џез пејачка во 1986 и 1987 година.

Специјална гостинка на концертот беше Марија Димитријевиќ, една од најдобрите женски џез пејачки на овие простори.

Концертот Џез лектира, посветен на творештвото на Каунт Бејси, кој нѐ врати на корените на биг бенд музицирањето и ни беше огромно задоволство да го отсвириме, додека нашата Марија Димитријевиќ , вистинска дива на сцената, совршено ја надополни целата слика и на листата додадовме уште еден концерт за паметење, велат од Националниот џез оркестар.

фото: Маја Аргакиева



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.