Со концертот „Македонијо, во срце те носиме“ вечерва ќе биде промовиран новиот изглед на штипскиот Градски плоштад „Слобода“. Градоначалникот, Иван Јорданов, кој ги покани штипјани да бидат дел од овој настан, рече дека концертот е вистински начин да покажеме дека сме Македонци, дека имаме македонска култура, зборуваме на македонски јазик и пееме македонски песни. Посочи дека за да можат граѓаните да бидат дел од овој настан, обезбедена е линија во рамки на општинскиот линиски превоз од сите подалечни населени места. Пристигнувањето и поаѓањето во централното градско подрачје ќе биде на автобуската постројка кај Трговскиот центар.

Оваа прилика ја користам да ги повикам сите наши сограѓани вечерва во 20 часот да дојдат на Плоштадот „Слобода“. Во име на тоа како Општина и како ЈП „Стипион“ ќе организираме јавен градски превоз да има од сите подалечни населби до централното градско подрачје. Поаѓањето е во 19.30 часот, а враќањето од централното градско подрачје 21.45 часот, рече Јорданов.

Новиот плоштад деновиве се уредуваше, а имаше и тестирање на новата фонтаната.

Има можност јавноста да го погледне новиот изглед на Градскиот плоштад, на чие доуредување и промена се работеше изминатиов период. Веќе работиме на сите потребни детали коишто се предвидени со самиот проект. Многу повеќе зеленило, нова фонтана, така што се надевам дека ќе имаме еден убав амбиент, рече Јорданов.

Инаку, концертниот караван „Македонијо, во срце те носиме“ ќе започне од Штип, а ќе заврши во Кочани на 1 октомври. Концерти ќе има и во Битола, Велес и Прилеп во текот на септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.