Музичкиот состав „Фолтин“ на покана од Културно – информативниот центар на Република Македонија во Тирана, настапи на „Клауд“ (Cloud) фестивалот во албанската престолнина.
Како што соопштија од КИЦ, „Клауд“ фестивалот, вообичаено се одржува секој мај во центарот на градот. Трае еден месец и на него настапуваат повеке од 600 артисти од повеќе земји.
Нивниот настап почна хипнотично и мирно, спокојно. Како да се составија во едно, лилјаковото небо над Тирана, музиката на Фолтин и публиката. Песните се редеа една за друга од сите нивни албуми. Фолтин звучеа префинето и светски. На крајот, публиката стана и започна да игра. Токму кога се очекуваше крај на концертот, тој како да започна уште еднаш. Следеа половина час каде што публиката играше и покажуваше големи емоции кон нашите музичари и нивната музика. Прекрасен концерт на Фолтин, кој беше следен од мнозина тиранчани, дипломати, професори на француското училиште во Тирана, како и дел од учесниците на „Берлинскиот процес“, наведува во соопштението директорот на КИЦ во Тирана, Златко Ориѓански.
Лани, на фестивалот во Тирана настапи нашиот бенд, „Љубојна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.