По Загреб, Белград и Нови Сад, „Минут срца мог“ доаѓа и во Скопје. По неколкуте спектакуларни концерти во регионот, хрватската пејачка Јелена Розга ќе има голем концерт во Скопје на 10 февруари во арената „Борис Трајковски“.

Го чував настапот во Скопје за еден голем концерт. Кога ја подготвувавме турнејата самата одлучив дека секаде ќе има по еден концерт. Едноставно јас сум таква. Сакам да го паметам концертот, како што ги памтам оние во Загреб, Белград и Нови Сад, рече Розга.

Концертот кој викендов го одржа во Нови Сад го почна со „Ne tiče me se“, а хитовите од најновиот албум, преку почетокот на соло кариерата, до вонвременските песни на групата „Магазин“ се редеа во речиси три часа долгиот настап во спортската сала „Спенс“.

фото: Live Production

Сакам да газам цврсто на земја. Долги години го работам ова и најубаво ми е што се уште уживам во секој настап како да ми е прв. И се надевам дека тоа ќе трае. Ако било кога се случи да не уживам повеќе, ќе го оставам микрофонот и нема повеќе да пејам. Јас едноставно во животот не можам да ги правам работите половично, не можам да ја лажам публиката, сакам да ја дадам душата кога настапувам на концерт, раскажа пејачката.

Вели дека убавината на нејзината професија е тоа што луѓето кои доаѓаат на нејзините концерти најверојатно се уште не биле родени кога почнувала да пее, а ги знаат сите песни.

И среќна сум поради тоа. Не мора секому да му се допаднам, јас имам свој пат и не се менувам. Но, и Тончи Хуљиќ знае што сакам, дека текстот мора да е добар. Мислам дека во мојата кариера текстовите се најсилни. Тоа што Вјекослава го правеше сите овие години за мене е прекрасно….толку прекрасни текстови. Пред да пејам бев балерина. Балетот беше моја голема љубов, мојата прва љубов, но нешто се прекрши во мене и јас не бев среќна. Ги соблеков обувките за танцување, ги закачив на дршка и потоа се појави Тончи Хуљиќ и се оствари мојата најголема желба – да бидам пејачка на групата „Магазин“. Како дете ги пеев сите песни, кога пееше Лилјана Николовска, сите ги знаев напамет, секоја воздишка нејзина ја знаев, признава Розга.

фото: Live Production

Енергијата за црпи од луѓето околу неа.

Имам прекрасни луѓе околу мене, пред се имам прекрасно семејство. Моите родители, за жал не можат да доаѓаат на сите концерти, но знам дека се тука. Денеска мојата мајка сигурно цел ден плаче од среќа…Потоа тимот кој работи на овој проект се луѓе кои навистина не се овде само поради финансиите, ние навистина уживаме да работиме заедно.

фото: Live Production

Вели дека веќе работи на тоа кои ќе бидат следните чекори и како ќе изгледа нејзината следна турнеја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.