Александра Јанева пред извесно време вели дека ја создала својата нова нумера со наслов „Глумиме“ во еден здив. Испровоцирана од обожавател, кој на социјалните мрежи се дрзнал и напишал навредлива порака, пејачката заедно со композиторот Лазар Цветкоски создадоа одлично музичко дело.
Секој пејач кој често настапува во живо знае дека очите на публиката се постојано вперени во него и секој негов чекор буди најразлични чувства и поделени коментари кај нив. Инспирацијата за „Глумиме“ дојде после една необична порака која ја добив во инбокс, од лажен профил. Се насмеав на пораката и првото нешто што ми дојде на памет беше колку им е забавно на поединци да ѕиркаат во туѓи животи. И така почнав да си реплицирам, со рефрен за нова песна. Инаку за неколку дена и јавно сакам да ја објавам пораката која ја добив, сметам дека мојата публика треба да го види тоа, вели пејачката Јанева.
Јанева вели дека со стиховите од рефренот „Сите можеме да глумиме и туѓи животи да судиме, но каков живот имаш ти, кажи ми?“ се појавила пред студиото на Лазар Цветкоски и двајцата песната ја создале за кратко време.
Јанева и за оваа песна соработува со режисерот Ѓорѓи Вацев, а покрај неа, во спотот се појавува и моделот Илија Андов. За нивниот стајлинг повторно се погрижи стилистката Милена Танаскоска, со која соработката трае веќе неколку години.
Јанева се врати на македонската музичка сцена по пауза од две години, на минатогодишниот „Макфест“ со автобиографската и моќна балада „Денот што ни носи“, авторско дело на Лазар Цветкоски. Преку „Денот што ни носи“ и „Глумиме“, Александра јасно покажува дека секој стих од нејзината музика е вистинска приказна и произлегува од емоциите кои ја обземаат. Како што вели таа, ова е само почетокот на нејзините неискажани приказни. Следуваат уште многу проекти кои ќе се најдат на нејзиниот втор албум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.