По четири дена и ноќи заврши ЕГЗИТ (EXIT) Фестивалот, низ чии капии од 7 до 10 јули поминаа повеќе од 200.000 посетители. Фантастични концерти, импресивни диџејски сетови и ретко видена енергија со која блескаа и публиката и хедлајнерите, како големите Ник Кејв и Калвин Харис, го подигнаа прагот на фестивалското доживување кое од Петроварадинската тврдина го понесоа посетителите од повеќе од 100 земји во светот.

ЕГЗИТ продукциски и жанровски направи неколку чекори напред, што јасно се виде на најголемите фестивалски бини и зони. Неверојатните впечатоци кои главните ѕвезди, како што се Иги Азалија, „Сепултура“, Борис Брејча и „АРТБАТ“ ги споделија со фановите, но и фактот дека ЕГЗИТ за прв пат имаше домашен хедлајнер, Ана Ѓуриќ Констракта, потврдија дека овие четири дена од јули го донесоа едно од највпечатливите изданија во историјата на ЕГЗИТ, еден од најголемите во Европа и убедливо водечкиот настан за регионалната фестивалска публика.

ЕГЗИТ 2022 започна со двојна церемонија на отворање со кои беа прикажани две посебни страни на Фестивалот. На свеченото отворање на „Пачамама“ бината со симболичното пуштање на 22 гулабици и со откривањето на инсталацијата „Yellow Submarine“ на Дунав јасно беа демонстрирани вредносите на кои се темели овој фестивал – пораките за мир беа испратени во светот од Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Другата страна ја донесе традиционалната церемонија на полноќ со огнометот на Главната фестивалска бина.

За време на четирите фестивалски вечери на Петроварадинската тврдина чекореа и танцуваа повеќе од 200.000 членови на ЕГЗИТ племето, со повеќе од 1.000 изведувачи кои настапија на повеќе од 40 фестивалски бини и зони. Енергетски набиената Главна бина варираше од најинтензивните емоции, одата на љубовта и трагедијата која ја донесе едниот и единствен Ник Кејв со своите „Бед Сидс“потоа спектаклот на најбараниот продуцент и диџеј на денешницата Калвин Харис, огнената хип-хоп дива Иги Азалија, хитмејкерите Афроџек, Џекс ЏонсАлокЏоел Кори и најжестокиот гитарски звук на бразилската сензација „Сепултура“, финскиот „Блајнд Чанел“ и алтернативниот белоруски состав „Молчат Дома“. Сите овие големи имиња беа спакувани во четирите фестивалски ноќи на само една, Главната бина, а четвртата вечер на ЕГЗИТ фестивал донесе уште еден историски момент – Ана Ѓуриќ Констракта како првата домашна предводничка на Главна бина во историјата на фестивалот. „Космички се вклопи да бидеме првите домашни хедлајнери на Main Stage, затоа што сме ‘нобл’“, кажа Констракта пред илјадниците фанови.

Храмот на најквалитетниот електронски звук, „Денс Арена“, ги собра великаните на денешницата, како што се Борис Брејча, Стефан Бодзин, Адам Бејер, „АРТБАТ“, Хани Дижон, Масео Плекс, Блонд:Иш, Анфиса Летјаго, Реинер Зоневелд, Монолинк, Сатори, а сите до раните утрински часови разменуваа енергија и ритми со традиционално најмногубројната публика на оваа бина. „Фјужн Стејџ“ каде што меѓу хедлајнерите настапи и македонската музичка гордост Џајковски, како и „Зулу 3.4“ од поновата сцена, донесе, како што и самото име кажува, фузија на жанрови, на нови и стари генерации, домашни и регионални изведувачи како групите „Параф“, „Џокер Аут“, „Бркови“, „Артан Лили“ и „Ортодокс Келтс“ и јаки меѓународни имиња меѓу кои Марки Рамон и „Ноизиа“.

ЕГЗИТ фестивалот продукциски се издигна на досега највисоко ниво, со најквалитетен саундсистем и повеќе од 40 бини и зони, а дури три стејџа беа унапредени во однос на претходната година – нов, поголем простор и капацитет сега имаат „Генг Битс“, „Но Слип Нови Сад“ и „Пачамама“ бините, секоја специфична на свој начин.

На овогодишниот „Егзит“ претставени беа и два специјални шоукејс-а – „Back To The Future на Главната бина, концептот кој ги донесе рап „битките“ меѓу младите трап ѕвезди во подем и легендите на хип хоп сцената на овие простори и „World Music Balkans (WOMBA) шоукејсот на „Пачамама“ бината, посветен примарно на традиционалната балканска музика во фузија со популарните музички жанрови.

Спиритуалната и духовна страна на Фестивалот беше засилена веќе во средата на генералната проба на Денс Арената, а втемелена со новата, поголема локација на „Пачамама“ бината, со мелодиите на музиката на новата свесност и традиционалната музика на Балканот како и прекрасниот поглед кон Дунав и целиот Нови Сад, со најубавите зајдисонца и ноќи, со пораките за мир, емпатија, љубов, солидарност и заедништво поставени ширум Петроварадинската тврдина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.