Со симнување меѓу публиката, со која заеднички го испеа еден од своите најголеми хитови – баладата „Те чувам“ (Чувам те), српската поп ѕвезда Александра Радовиќ, во Филхармонија ја потврди аурата дека е една од најемотивните и најсезибилните пејачки на сцената.

Својата музика, Радовиќ им ја посвети на припадничките на женскиот пол, кои беа далеку побројни во филхармониската сала, а притоа им порача на мажите дека би било добро ако бираат силни и храбри жени.

Обраќајќи се до публиката, Радовиќ истакна дека иако претежно нејзините песни се тажни и во нив се пее за пропадната љубов, таа сепак, искрено верува во љубовта. Радовиќ појасни дека стиховите од нејзините песни го отсликуваат фактот дека животот е таков што некој може да ја најде својата сродна душа уште на 20 години, додека друг нема да ја најде никогаш.

Блискоста меѓу Радовиќ и публиката што практично во секој момент од двата часа колку што траеше концертот, се чувствуваше во салата, па добар дел од присутните станаа од своите места и со играње во ритамот на песните се придружија на топлата атмосфера.

Сето тоа придонесе Радовиќ да потврди дека освен што е еден од најдобрите поп вокали во регионот, има малку артисти што можат да и парираат во целокупното доживување и емоции што нејзините настапи ги пренесуваат кај публиката. Тоа не изостана ни во Скопје па таков беше и нејзиниот настап во Филхармонија, организиран од продукција „Прагма“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.