Најавата на големиот заеднички концерт на тројцата врвни македонски музички уметници Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски, беше пресретната со огромен интерес од публиката, кој придонесе за неверојатно кратко време концертот да биде прогласен за распродаден! Барањата за влезници сѐ уште не стивнуваат, а благодарение на тоа, закажан е втор концерт, кој ќе се одржи само еден ден по првиот, односно на 17 февруари со почеток во 19:30 часот во Филхармонија.
Влезниците за вториот концерт се веќе достапни во продажба, а деталите за продажните места и онлајн купувањето се објавени на сајтот на МкТикетс.
Во оваа прилика, нашите вонсериски музичари со долгогодишна кариера на интернационалната сцена, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски, по девет години пауза, повторно ќе настапат заедно на сцената на македонската Филхармонија. На програмата ќе бидат авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба.
Извонредниот талент на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски одамна ја има својата потврда на светската сцена, а нивните имиња се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори, нив ги поврзува безвременоста на музиката која ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.
Илјадници луѓе ширум светот кои веќе имале прилика да присуствуваат на нивните секогаш распродадени концерти можат да го потврдат фактот дека станува збор за настапи кои се единствени по својата природа, виртуозност и квалитет.
На 16 и 17 февруари, музичките сладокусци повторно ќе имаат прилика во живо да бидат дел од, како што критиката го нарекува „магичното катарзично доживување“, кое овие неприкосновени уметници го приредуваат за својата публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.