Секој твој роденден Тоше е наша воздишка, пишува на тортата од неговото семејство по повод денот на раѓањето на Тоше Проески, која на социјалните мрежи ја сподели неговата сестра Дора.
Денеска се навршуваат 42 години од раѓањето на македонскиот музичар и хуманист.
Во спомен на неговиот роденден, под мотото „За Тоше со Љубов“ денеска, по деветнаесетти пат, Црвен крст на град Скопје и Црвен крст на Македонија – Општинска организација Центар во соработка со ИТМ ќе ја организираат традиционалната крводарителската акција. Крводарителската акција ќе се реализира во холот на Дом на АРМ од 09:00 до 17:00 часот.
Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост, наведуваат од Црвен крст.
До сега, на овие акции се реализирани повеќе од 5.300 единици крв.
Исто така со крводарителска акција, но и со почит на неговото вечно почивалиште, промоција на уметнички дела и музичко-сценски настан насловен „Ангел си ти“ денеска во Спомен-домот „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево ќе се одбележи неговиот роденден и во родниот град.
Хуманитарната крводарителска акција, во организација на Црвениот крст од Крушево, ќе се одржува во Спомен-куќата и ќе трае од 9 до 16 часот. Во 10.30 е посетата на вечното почивалите на Тоше на Гумење, а од 11 часот е изложбата на дела на уметницата Марија Бојкоска од ликовната школа „Тоциновски“ од Скопје.
Во Спомен-домот „Тодор Проески“ ќе бидат промовирани делата од 26. Керамичка колонија од Велес. За 42-риот роденден на Тоше ќе бидат промоврани и 42 маички печатени со победнички мотив.
Напладне е сценско-музичкиот настан насловен „Ангел си ти“. Музички рефрени од Тоше ќе изведат Андријана Јанеска и Бојан Стојков во придружба на „Џез сценарио“ од Битола, во аранжман на професорот по пијано и диригирање Вангел Мажески.
Крај вечното почивалиште на Тоше Проески ќе бидат и неговите обожуватели и приврзаници кои секогаш доаѓаат од земјава и Балканот.
Тоше Проески го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Имаше само 26 години.
Спомен-куќата „Тодор Проески“ ги чува спомените за големата музичка ѕвезда и е најпосетуваниот музеј на овие простори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.