Врвниот светски славен македонски и охридски гитарист Дамјан Пејчиновски на 19 април ќе одржи мастер клас и ќе има 2 настапа во „Тулуз Лотрек венју“(Toulouse Lautrec Venue) во Лондон.

„Големо задоволство ми е е што ќе свирам во Лондон со мојот драг пријател и светски познатиот џипси-џез гитарист Филипо Даласта, кој свирел во престижни места како ‘Ројал Алберт хол’ со уметници како Сточело Розенберг, Мозес Розенберг, Лоло Мајер и многу други. Многу сум возбуден“, напиша Дамјан на неговиoт профил на Фејсбук.

Гитаристот Филипо Даласта, во објавата за промоција на настанот, рече дека Дамјан е виртуоз и дека му е следбеник со години.

„Со нетрпение го очекувам мојот претстоен концерт и мастер клас со гитарската ѕвезда Дамјан Пејчиноски, македонски гитарист кој е познат по своето виртуозно свирење и разновиден музички стил, како и по милионските прегледи на Јутјуб. Со години сум следбеник на Дамјан и возбуден сум што конечно ќе ја споделам сцената со него“, објави Филипо Даласта.

Дамјан Печиновски важи за еден од најдобрите гитаристи на домашната сцена. Неговото богато музичко искуство, добиено и со многу странски настапи, е верен доказ дека Македонија има сериозни музички таленти кои им се рамни на светските големи имиња. На сцената секогаш плени со својата самодоверба, зрелост, неверојатен слух и со техниката за свирење гитара.

Со гитарата другарува од својата шеста година, но вистинскиот интерес се пројавил во тинејџерските денови. Членувал во составите „Ворнинг“, „Абракадабра“ и „Џамп старт“. Во 2002 година на реномираниот фестивал „Рок-фест“ бил прогласен за најдобар гитарист, а познатиот гитарист Влатко Стефановски лично му ja додели наградата – гитара „Јамаха“.

Во декември 2016 година, Пејчиноски ја доби титулата Доцент на Музичката Академија во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.